YouVersion Logo
Search Icon

Јован 5

5
1Потоа беше јудејски празник и Исус се искачи во Ерусалим.
2А во Ерусалим, при Овчата Врата, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда.
3Во нив лежеа мнозина болни; слепи, хроми и суви, (кои чекаа да се раздвижи водата.
4Зашто, ангел, одвреме на време, слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата, а кој прв ќе влезеше - откако ќе се разбрануваше водата - оздравуваше од каква и да било болест да страдаше.)
5Таму имаше еден човек, кој лежеше болен триесет и осум години.
6Кога Исус го виде како лежи и кога узна дека веќе долго боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?”
7Болниот Му одговори: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата, кога ќе се разбранува водата; а додека дојдам јас, друг слегува пред мене.”
8Исус му рече: „Стани, подигни ја својата постела и оди!”
9И човекот оздраве веднаш, ја зеде својата постела и почна да оди. А тој ден беше сабота.
10Затоа Јудејците му рекоа на оздравениот човек: „Сабота е и не смееш да ја носиш постелата.”
11Но тој им одговори: „Оној, Кој ме излечи ми рече: „Подигни ја својата постела и оди!”
12Тогаш го прашаа: „Кој е човекот кој ти рече: „Подигни ја својата постела и оди?”
13А исцелениот не знаеше Кој е, зашто Исус се отстрани, бидејќи имаше многу народ на тоа место.
14Потоа Исус го најде во Храмот и му рече: „Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.”
15Човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус го излекува.
16И затоа Јудејците Го гонеа Исуса, и сакаа да Го убијат, дека тоа го направи во сабота.
17А Исус им одговори: „Мојот Татко работи постојано, па и Јас работам.”
18Затоа Јудејците Го бараа уште повеќе да Го убијат, не само дека ја нарушуваше саботата, туку дека и Бога Го наречуваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бога.
19А Исус пак во одговор им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот.
20Зашто Таткото Го љуби Својот Син и Му покажува сè што прави Сам и ќе Му покаже дела уште поголеми од овие, за да се чудите.
21Зашто, како што Таткото воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака.
22Таткото не суди никого, туку целиот суд Му го даде на Синот,
23за сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Таткото. Кој не Го почитува Синот - не Го почитува ни Таткото, Кој Го пратил.
24Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот.
25Вистина, вистина ви велам дека доаѓа час - и веќе е тука - кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и кои ќе го чујат, ќе живеат.
26Зашто како што Таткото има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе.
27Му ја даде и власта да суди, зашто е Човечки Син.
28Не чудете се на тоа, зашто доаѓа час во кој сите, кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас
29и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.
30Јас ништо не можам да правам Сам од Себе; како што слушам, така судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме прати.
31Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да биде вистинско.
32Има Друг Кој сведочи за Мене и знам дека е вистинско сведоштвото што го дава за Мене.
33Вие пративте при Јована, и тој посведочи за вистината;
34но јас не примам сведоштво од човек, туку го кажувам ова, за да се спасите вие.
35Тој беше светило, што гореше и светеше, но вие сакавте да се радувате малку време на неговата светлина.
36Јас пак имам сведоштво поголемо од Јовановото: делата што Таткото Ми ги даде да ги завршам, токму тие дела, што ги правам, сведочат за Мене - дека Таткото Ме пратил.
37И Таткото, Кој Ме прати, Самиот сведочи за Мене. Вие ни го чувте некогаш Неговиот глас, ниту го видовте Неговото лице,
38и Неговите зборови ги немате постојано во вас, зашто не Му верувате на Оној, Кого Тој Го пратил.
39Вие ги проучувате Писмата, зашто мислите дека имате вечен живот во нив; и тие сведочат за Мене.
40Но вие не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот.
41Слава не примам од луѓе,
42но знам дека вие немате во себеси Божјата љубов.
43Јас дојдов во името на Мојот Татко, и не Ме примате. Ако дојде друг во свое име, него ќе го примите.
44Како можете да верувате, кога примате слава еден од друг, а не ја барате славата, што доаѓа од Единиот Бог?
45Не мислете дека Јас ќе ве обвинам пред Таткото; има кој ве обвинува - Мојсеј, на кого се надевате.
46Зашто, ако му верувавте на Мојсеја, ќе Ми верувавте и Мене; зашто тој пишуваше за Мене.
47Но ако не им верувате на неговите Писма, како ќе им верувате на Моите зборови?”

Currently Selected:

Јован 5: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy